Европската недела на мобилност во Велес заврши со едукативна младинска работилница во просториите на Европска куќа. Десетина средношколци учествуваа на младинската работилница која се состоеше од презентација на видео за позитивни примери на урбана мобилност и алтернативни превозни средства. Учениците споделија свои искуства при посета на други држави во кои јавниот превоз и алтернативните транспортни средства предничат во однос на автомобилите. Поделени во групи учествуваа и на квиз одговарајќи на прашања поврзани со темата.
За учесниците Општина Велес обезбеди и достојни донации од општествено одговорни компании кои донираа спортски реквизити наменети за сите клонови на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, како и за општинските основни и средни училишта. Донациите ги овозможија Клиничката болница „Жан Митрев”, „Нестлè Адриатик д.о.о.е.л. Македонија”, „Еуро-Фарм”, „Стокомак” и „Виталиа Никола ДОО”.
Додека пак партнери и поддржувачи на активностите за одбележување на ЕНМ 2024 во Велес се и Делегацијата на Европска унија и Европска куќа Велес, Министерство за животна средина и просторно планирање, ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, МВР-СВР Велес, Младински центар Велес и Отворен регионален фонд за енергетика, транспорт и климатска заштита (ORF-ETC), Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ).