Општина Велес ја информира јавноста дека во кругот на поранешна Топилница, денеска се случил пожар, кој од страна на физичко лице, во 10:50 часот е пријавен во Територијалната противпожарна единица Велес.
По интервенцијата на пожарникарите, пожарот е локализиран во 11:35 часот. Опожарена е површина од околу 100 квадратни метри.
Веднаш е излезено на лице место при што во Извештајот за настанат пожар, доставен до Општина Велес е наведено дека пожарот настанал при сечење на метал со пневматски ножици на стара неупотреблива постројка за филтрирање.
Од извршената комуникација со присутните пожарникари при интервенцијата на гаснење, Општина Велес има сознанија дека при пожарот се запалени остатоци од материјал на ѕидовите на филтерската постројка, од која при горењето се ослободува густ бел чад со изразена непријатна миризба.
Со цел да се утврди дали активностите кои се извршувале се спроведени согласно прописите, каков вид на материјал изгорел, каков вид на загадувачки материи се ослободиле во воздухот, Општина Велес испрати барање до Државниот инспекторат за животна средина за вршење на инспекциски надзор.
Оваа инсталација која не е во функција е А-Инсталација и е во сопственост на „МЕТРУДХЕМ“ Скопје.