Организацијата на жени  од Велес денеска ја започна кампањата против семејното насилство која се спроведува на глобално ниво. Во рамките на своите активности што се реализираат со поддршка на  Општина Велес и Комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите при Советот на Општина Велес, Организацијата на жени, во присуство на членовите на Комисијата при Советот на Општина Велес, во општинската зграда симболично го означи почетокот на кампањата. Целта на кампањата е да се зајакне јавната свест за проблемот на семејното насилство и да поттикне нови идеи, предлози и активности во борбата против оваа негативна општествена појава.

Под мотото „Обединети за крај на насилството врз жени и девојчиња“, Организацијата на жени ќе се посвети на успешната реализација на кампањата во Велес и регионот. Тие денес остварија средба со Градоначалникот Марко Колев и го информираа за сите претстојни активности во рамки на кампањата која ќе трае до 12 декември годинава. Воедно, претставничките на организацијата го посетија и СВР-Велес. Општина Велес ги поканува сите граѓани активно да се вклучат во кампањата и лично да придонесат во остварувањето на оваа благородна цел.