Во рамките на кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство, на 7 декември се организираше работилница за Стратегија за родова еднаквост на Општина Велес. Членови на Советот, претставници на институции, општинската администрација и граѓанските организации заеднички планираа и развиваа иницијативи за креирање на родово-одговорен буџет. Се отворија дел од клучните прашања за вклученоста на заедницата во планирање на локалните програми и буџети. Учесниците дебатираа за подеднаквата застапеност на жените во процесите на креирање политики и правичната распределба на средствата за да се одговори на потребите на сите, особено на најранливите.
Работилницата се реализира во рамките на проектот: „Промоција на родово одговорни политики и буџети: кон транспаренто, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија “, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој- Сида, спроведен од UN Women.