На сцената на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов – Џинот” во Велес, вчеравечер беше свечено затворен годинашниот XVIII Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.
Во чест на лауреатите беше одиграна претставата „Отело” од Вилијам Шекспир, во копродукција на Македонскиот народен театар, Скопје и Народно позорште, Зеница од Босна и Херцеговина.
Започнувајќи од 3 август оваа година на сцената на Театарот во Велес и на археолошкиот локалитет „Стоби”, беа изведени театарски текстови од најпознатите антички драматурзи, а како и секоја година се доделија награди за најдобра претстава, награда за режија и награди за најдобри актери. Гран при на Фестивалот доби претставата „Бакхи – краток преглед на распадот”, во изведба на Народниот театар од Битола, за најдобра режија награда освои Игор Вук Торбица, а актерите Зоран Љутков и Викторија Степановска Јанкуловска ги добија наградите за најдобра машка и женска улога.
Истовремено, актерска награда за животно дело „Петре Прличко” доби актерот Слободан Степановски од Народен театар Битола. Наградите ги додели градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.
Во годинашната програма на XVIII Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“,беа застапени две странски и четири домашни продукции, вклучувајќи и петнаесет културни настани, како што се изложби, промоции на книги и филмски проекции под отворено небо.
Основач на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ е Општина Велес, организатор е Организациснкиот одбор на Фестивалот, а под покровителство на Министерството за култура.
Претставите беа организирани според прошишаните протоколи за заштита од Ковид-19 на Комисијата за заразни болести.