Денеска свечено беше пуштен во употреба Градскиот пазар во Велес. Граѓаните на Велес добија капитален објект во кој и пазарџиите и купувачите ќе имаат достојни и безбедни услови за работа и купување. На отворањето присуствуваа и двајцата поранешни градоначални Славчо Чадиев и Аце Коцевски кои заедно со актуелниот градоначалник Марко Колев и службеничката од одделението за комунални дејности Снежана Дервишова, ја пресекоа црвената лента и официјално го пуштија пазарот во употреба.
„На моја огромна чест и задоволство, на моја покана тука се присутни и двајцата поранешни градоначалници г-динот Славчо Чадиев и г-динот Аце Коцевски кои исто така се многу заслужни за овој капитален објект. Како градоначалник посакувам овој објект да го чуваме, во него граѓаните да се чувствуваат комотно, безбедно и заштитени“, истакна градоначалникот Колев.
Градоначалникот Колев се заблагодари на финансиската поддршка на Владата на Република Македонија за изградбата на пазарот, на Светска банка за овозможениот кредит, на советниците на Советот на Општина Велес како и на службените лица на одделенијата за урбанизам и комунални дејности.
На свеченото отворање на пазарот, кое беше дел од активностите за одбележување на празникот на градот 9 Ноември, присуствуваше и пратеникот Игор Здравковски, претседателот на Советот на Општина Велес Зоран Љутков, советници и директори на јавни институции.
Градскиот пазар опфаќа површина од 4.172 метри квадратни од кои 3.400 метри квадратни се наменети за продажба на производи.