Општина Велес ја информира јавноста дека Агенцијата за катастар на недвижности на РСМ започна со теренско прибирање на графички и атрибутни податоци за улици и куќни броеви.

Ативностите се дел од проектот „Соработка за дигитална демократија”, финансиран од Кралството Шведска и се во функција на воспоставување на Графичкиот регистар за улици и куќни броеви за дополнителни дваесет и една општина, помеѓу кои е и Општина Велес.

Теренските активности ги спроведува Друштвото за премер на земјиште, инженеринг и трговија ГОФОТО ЗЕНИТ ИНЖЕНЕРИНГ ДОО, врз основа на потпишан договор за теренско прибирање на податоци, кои на територијата на Општина Велес започнаа да се спроведуваат од 13 април и истите ќе се реализираат до 30 јуни 2021 година.

Во таа насока, се информираат жителите на Општина Велес, претседателите и Советите на урбаните и месните заедници во Општина Велес дека во наведениот период ќе се изведуваат активности на терен поврзани со прибирање на податоци за улици и куќни броеви, според следната динамика по населени места: Башино село, Белештевица, Бузалково, Велес, Ветерско, Горно Караслари, Горно Оризари, Долно Караслари, Долно Оризари, Иванковци, Карабуњиште, Крушје, Кумарино, Лугунци, Мамутчево, Новачани, Ново Село, Ораовец, Отовица, Раштани, ‘Рлевци, Рудник, С’лп, Сливник, Сојаклари, Сопот, Црквино, Чалошево, Џидимирци и Клуковец.

При извршување на теренските активности, овластените геодети ќе носат соодветна легитимација за идентификација. Со цел успешно и навремено извршување на активностите, Општина Велес упатува апел до жителите на Општина Велес да им излезат во пресрет со споделување на потребните информации и да овозможат фотографирање на објектите.

Со теренското прибирање на податоци за улици и куќни броеви ќе се соберат просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви на лице место и ќе се добие јасна слика која улица каде се наоѓа и кои куќни броеви се однесуваат на неа, како и во кое населено место.

Во согласност со Законот за катастар на недвижности, Агенцијата за катастар на недвижности ја има надлежноста за воспоставување и управување со Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, кој е дел од идниот Адресен регистар на Република Северна Македонија, а кој ќе содржи просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви.

Адресниот регистар е еден од државните приоритети и ќе биде единствен и авторитативен извор на адресни информации во РСМ. Информациите за адресните податоци ќе се добиваат на брз и ефикасен начин, по електронски пат, преку систем обезбеден од страна на Агенцијата за катастар на недвижности кој ќе овозможи поедноставување и скратување на роковите за воведување на нови улици и ќе се осигура точност на податоците.

 

Со почит,

Општина Велес