Во неофицијална посета на Велес денеска пристигна турска делегација на чело со амбасадорот на Република Туркије во Македонија Фатих Улусој. Амбасадорот го придружуваа советникот и заменик амбасадор Мухамед Челикаја, советникот за верски работи Мустафа Бодур, советникот за трговија Синан Танроен и преведувачот Танер Демирџи. Во име на градоначалникот Марко Колев, амбасадорот го пречекаа претседателот на советот на Општина Велес Даниел Јаневски и заменик градоначалникот Коста Нојков. Гостите го посетија Паркот Каршијака кој претставува мост на пријателството и соработката меѓу македонскиот и турскиот народ. Во него е поставен и споменикот на таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
Претседателот на Советот и турскиот амбасадор оценија дека пријателството и соработката на културно и економско поле меѓу Велес и збратимените градови Каршијака, Адалар и Чан треба да се интензивира со почеста комуникација, соработка и меѓусебна посета, како во времето пред Ковид кризата.
Амбасадорот Улусој беше запознат и со Интернационалниот фолклорен фестивал кој од неодамна е на мапата на светските фестивали, во кој секоја година учествуваат фолклорни ансамбли од Турција. Тој посака на следниот фестивал да бидат поканети фолклорни групи од збратимените градови а доби и покана да биде почесен гостин на 20 издание на фестивалот догодина.