Успешно заврши уште една гастрономска љубовна приказна. Традиционалниот фестивал на велешка пита и вино Питијада 2023 го оправда своето долгогодишно постоење. На едно место собра илјадници граѓани од сите краишта на Македонија кои изминативе три дена уживаа во добра музика, неодоливиот вкус на најпознатиот велешки специјалитет и квалитетно вино од велешките винарии. Граѓаните имаа можност да го вкусат единствениот специјалитет на пита пастрмајлија залиен со неповторливиот шмек на сортното бело и црвено вино.
За одличната атмосфера се погрижија ветераните на народната и поп рок македонска музика Ефто Пупиновски и Меморија како и безвременските народни и забавни песни испеани од Елена Андоновска, Д’ чикс, Некст Тајм, Бени и Нон стоп, ДНК и многу други.
Богатата фестивалска програма ја надополни и настапот на најмладите од детската градинка „Димче Мирчев“, детскиот фестивал „Почточиња“, Светот на Биби и други.
Годинава Велес постави нов рекорд. Вештите раце на пита мајсторите подготвија циновска пита во должина од 4 метри и 10 сантиметри. Од продажбата на питата се собраа безмалку 15 илјади денари кои ќе бидат наменети во хуманитарни цели.
Општина Велес упатува огромна благодарност до сите посетители на Питијадата, на службите кои овозможија да помине во најдобар ред и посакува годинашните бројки на продадени пити и вино како и на посетители да се дуплираат во следната година.