Во Општина Велес се одржа петтиот по ред дијалог со Локалните младински совети, кои имаат за цел поттикнување на младински ангажман и активно учество на младите во процесите на донесување одлуки на локално ниво.
Предлозите на младите велешани варираа од трансформирање на Велес во модерен град преполн со културни настани и спортски активности, до залагање за почист град инспириран од јапонските модели за одржливост. Исто така, тие ја истакнаа нивната желба да го кренат својот глас во обликувањето на локалните политики, нагласувајќи ја нивната посветеност да бидат водечка сила на градот.
Надоврзувајќи се на успехот на четирите претходни настани одржани во Битола, Шуто Оризари, Валандово и Градско, настанот во Велес ја продолжи низата успешни дијалози што ја зајакнуваат позицијата на младите и им даваат можност да биде слушнат нивниот глас.
Настанот се одржа во соработка со Општина Велес и амбасадата на Кралството на Шведска. Во дијалогот имаше ценети учесници, меѓу кои и амбасадорката на Кралството на Шведска, Н.Е. Ами Ларсон Џаин, Вероника Гијовска, млада европска амбасадорка, членови на Локалниот младински совет на Општина Велес, на Младинскиот центар, како и млади активисти и волонтери од градот.
Овие настани го промовираат учеството на младите во процесите на донесување одлуки, ангажирајќи ги во критички дискусии за теми како што се младинскиот активизам, локалното учество, еколошките предизвици и интеракцијата со локалните институции. Дијалогот беше поставен како неформален брифинг проследен со серија прашања упатени кон младите, овозможувајќи динамична интеракција помеѓу учесниците.
Овој настан е доказ за посветеноста на Team Europe за поттикнување на активно младинско граѓанство во демократско општество и ја одразува посветеноста на иницијативата на европската делегација за промовирање на младинско учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво.
Europe House, Амбасадата на Шведска и Општина Велес упатуваат благодарност до сите млади учесници за нивниот непроценлив придонес кон создавањето на општина прилагодена кон потребите на младите.