- Благодарение на поддршката на ЕУ, Велес стана првата македонска општина која се брои меѓу градовите во Европа и светот кои имаат дигитална градска платформа на услуги. Градската платформа позната како „Градоначалничка табла“ овозможува контрола на услугите со помош на информатичката технологија. Денеска, Иво Пауновски и Тоде Буцевски во име на компаниите „А1“ и „Геонет“ на градоначалникот Аце Коцевски му ја презентираа апликацијата за паметно управување со паркинзите, отпадот, издавањето на велосипеди, паметните клупи и осветлување обезбедени со проектот „СМАРТ езеро Младост – прва иновативна туристичка атракција во Македонија“.
Градоначалникот им честиташе на тимовите на двете компании за софтверското решение и целиот придонес во имплементацијата на СМАРТ елементите во рамките на проектот. Апликацијата им овозможува на тимовите во општината и јавните претпријатија како и на корисниците на услугите од едно место да ја следат состојбата со слободни паркинг места покрај езерото Младост, степенот на искористеност на паметните клупи на кои корисниците можат да полнат мобилни уреди, споделувањето на електричните велосипеди и паметното осветлување.
Системот овозможува користење на апликацијата и на мобилен телефон. Подпроектот „Смарт езеро Младост“ е финасиран од ЕУ, раководен од Единицата за спроведување на Проектот за локална и регионална конкурентност под надлежност на Вицепремиерот за економски прашања и спроведуван според протоколите на Светска Банка. Дигиталната платформа на услуги претставува директна имплементација на Европската дигитална агенда на локално ниво.