Урбаната естетика во градот, деновиве се збогати со уште еден мурал. Муралот ја претставува песната „Ленка” од великанот Кочо Рацин, преку илустративна визуелизација со цртеж во комбинација со текст.

Задолжена за авторската скица и изведбата на муралот е Бранкица Јордановска, дипломирана графичарка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Текстот од песната претставен на муралот е изработен со фонтот Рацин Регулар, изработен од дизајнерот Ласко Џуровски според анализи на оригинални документи со ракописот на Рацин.

Сликањето на муралот е дел од проектот „Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност”. Носител на проектот е „Фрагмент Комуникации” ДООЕЛ Скопје. Додека, извршител задолжен за спроведување на уметничката и креативна содржина е „Студио КР7 ТП”.

Главната идеја на проектот е сликање мурали, ѕидни слики, во седум различни градови и тоа во Богданци, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Скопје, Струга и Велес.

Муралот „Ленка” е поставен на потпорниот ѕид, во близина на Саат кулата, изработен на површина од 60м2.

Проектот е финансиран од Владата во рамки на јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани со задолжително ангажирање домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува 30 години независност. Додека пак Општина Велес обезбеди сместување и оброци за авторскиот тим.

Авторката и нејзиниот тим уметници изразија благодарност за можноста Велес повторно да биде дел од мапата на градови каде тие оставаат свој уметнички белег.

Со ова ново уметничко дело, Велес уште еднаш го потврдува епитетот на неформална престолнина на муралите во земјата.