Владата заедно со Министерството за животна средина работи на подготовките за реализација на еден од најзначајните регонални проекти за Велес и Вардарскиот плански регион, изградбата на регионален систем за управување со отпад. Според последните информации, Вардарскиот регион во овој значаен капитален проект треба да се спои, со исклучок на општините Велес и Чашка со Југоисточниот регон во заеднички систем за управување со отпад. За Вардарскиот регион веќе е завршен најголем дел од проектната документација, а за Југоисточниот регион завршена е физибилити студијата.
Проектот ќе опфати подобро собирање, транспорт и отстранување на отпадот, изградба на две санитарни депонии како и набавка на контејнери и возила за собирање на комунален отпад. Изградбата на меѓурегионалната санитарна депонија е планирана во село Добрешинци, а локациите за претоварните станици ќе бидат дополнително утврдени. Вредноста на проектот е 15,4 милиони евра кои треба да се обезбедат со заем од Европската банка за обнова и развој. Овој износ понатаму би се намалил со аплицирање во инвестициска рамка за Западен Балкан во висина од 70% од вкупната вредност на проектот која изнесува 10.784.200 евра.
Се разгледуваат и можностите за користење средства од ИПА 3 програмата на Европската Унија. Владата веќе го задолжи Министерството за животна средина да започне постапка за обезбедување на заем за реализација на овој проект.
„Навистина ми е задоволство што Велес влезе во краткорочните и долгорочните планови за реализација на овие капитални регионални проекти за управување со отпад кои во голема мера ќе го подобрат квалитетот на живот ќе ја зајакнат заштитата на животната средина и ќе ја поттикнат локалната и регионалната економија со отворање на нови работни места“, рече градоначалникот Коцевски.
Тој информираше дека Владата на 43 седница, одржана на 02 февруари годинава, во соработка со Министерството за локална самоуправа и просторно планирање го задолжила Министерството за финансии да започне со постапка за обезбедување на заем од меѓународни финансиски организации за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Југоисточен, Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Полошки регион во висина од 55.367.614 евра, најдоцна до 15 февруари годинава.
„Бидејќи нема расположливи грантови од ИПА 3 програмата за реализација на истите, а за да може овие системи да станат достапни за домаќинствата и правните лица, најекономично решение е да се воспостави заеднички меѓурегионален систем за управување со отпадот, помеѓу Пелагониски со Југозападен од една страна и Југоисточен со Вардарски регион од друга страна. На тој начин ќе се овозможи реализација на подобро собирање, транспортирање и отстранување на отпадот и изградба на две санитарни депонии согласно националното и ЕУ законодавство за депонирање“, додаде Коцевски.
Инвестицијата вклучува набавка на контејнери за комунален отпад и набавка на возила за собирање на комунален отпад. Пософистицираните технологии за третман на отпад ќе бидат имплементирани во наредната фаза за инвестирање. За набавка на камиони се предвидени 4.068.000 евра, за набавка на контејнери 868.000 евра и тоа уште годинава. За депонија се предвидени 6.619.000 евра и за претоварна станица се предвидени 3.851.000 евра во 2022 година. За реализација на овој проект вкупно се планирани 15.406.000 евра.