Ученикот во прва година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ и член на „Вики клуб“ Велес, Петар Иванов е еден од петмината победници на уредувачкиот предизвик на тема „Запознајте ја Русија“, организиран од Амбасадата на Руската Федерација и Здружението на граѓани „ГЛАМ Македонија“. На Петар наградата лично му ја додели Амбасадорот на Руската Федерација Н.Е Сергеј Бездникин во Музејот на македонската борба во Скопје.
Под менторство на наставничката Лила Арсова, Петар во изминатиот период пишуваше статии за Русија од областа на историјата, културата, местоположбата, спортот и со овие текстови се натпреваруваше на предизвикот на руската амбасада. Тој е еден од четворочлениот тим на „Вики клуб“ Велес кои учествуваа на уредувачкиот предизвик и пишуваа под псевдонимите Петар Барса, Вила Роса, Костовска и ГДимовска13. Инаку ова е трета награда на „Вики клубот“ и неговите членови.
За време на натпреварот учениците напишале 625 статии за Русија со квалитетна содржина кои ќе бидат составен дел од македонската „Википедија“ за Русија и сите корисници ќе можат да се запознаат со објективната слика на државата.
Општина Велес безрезервно ги поддржува учениците кои секојдневно ги прошируваат своите знаења и погледи кон светот, учејќи за историјата, културата и традицијата на земјите ширум светот.