Според резултатите од последните Извештаи од извршените анализи за здравствена безбедност на водата за пиење од природните чешми, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес дава стручно мислење дека во најголем дел од испитаните примероци, водата за пиење не соодветствува на прописите за бактериолошка анализа поради зголемен број на индикатори на фекално загадување. Оваа вода не може да се користи како вода за пиење.
Водата од природните чешми во Башино село и Шорка, според последниот извештај е безбедна за пиење, но и оваа вода е со променлив квалитет.
Водоводите пак, во селата, кои со одлуки на Советот на Општина Велес се дадени на управување на ЈКП „Дервен” испорачуваат безбедна вода за пиење до жителите, со квалитет што одговара на законските прописи. Тоа се водоводите во селата Сујаклари, Црквино, Мамутчево, Сливник, Иванковци и Караслари.
На градскиот водоснабдителен систем освен градот Велес, приклучени се и населбите Порцеланка и Превалец, селата Горно Оризари и Новачани, како и викенд населбата на езеро „Младост”.
Како резултат на санитарно-техничката необезбеденост на водоводните објекти, невоспоставената стручна дезинфекција и одржување и нестручно стопанисување, преостанатите водоводи во селата се бактериолошки загадени.
Општина Велес ја известува јавноста дека најбезбедна е водата за пиење од градскиот водоснабдителен систем и системите во селата кои се стручно управувани од Јавното комунално претпријатие „Дервен”.
Општина Велес продолжува и понатаму активно да работи на преземање и стручно стопанисување на преостанатите водоснабдителни системи и снабдување со здравствено-безбедна вода за пиење за сите граѓани.
Во прилог: Извештај за вода за пиење (линк)
Останатите Извештаи може да се преземат на официјалната интернет страница на Општина Велес www.veles.gov.mk