Во рамки на проектот „Модернизација на јавното осветлување“, постоечките светилки на територијата на Општина Велес ќе се заменат со нови 4.695 енергетски ефикасни Лед светилки. Со овој проект општината ќе постигне значителни заштеди на електричната енергија, намалени трошоци за одржување на јавното осветлување и подобра заштита на животната средина. Ова беше презентирано на денешната прес конференција на градоначалникот Марко Колев и претставниците на Македонски Телеком.
„Проектот за паметно осветлување е од големо значење за Македонски Телеком бидејќи ја поддржува дигиталната трансформација како клучен фактор за подобрување на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните. Нѐ радува што заедно со општина Велес, го имплементираме ова решение кое ќе донесе вистински придобивки за заедницата“, рече Марјан Богатиновски, Главен комерцијален директор за деловни корисници на Македонски Телеком.
Системот за осветлување ќе се контролира со далечинско управување, односно автоматски или мануелно ќе се врши вклучување, исклучување и прилагодување на осветлувањето на новите светилки. Исто така системот ќе овозможи следење на работата на светилките преку мапа, графички приказ како и извештаи за функционирањето на системот.
Во оваа фаза на проектот, поставени се првите светилки на улиците „Алексо Демниевски – Бауман“ и „АСНОМ“. Според извршените мерења на осветленоста на коловозот и тротоарите, квалитетот на осветлувањето на овие улици е подобрен до 50% во однос на стариот систем за јавно осветлување.
Градоначалникот Колев ги уверува граѓаните на Општина Велес дека старите ќе бидат заменети со нови светилки на сите улици во градот и во населените места.