Повеќе културни и спортски манифестации во градот, поголема информираност на младите за настаните, повеќе тематски работилници, патеки за велосипеди, реконструкции на улици и уште многу други предлози и иницијативи споделија денеска младите со градоначалникот Марко Колев, на завршниот настан на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“. Настанот се случи на отворено во Градскиот парк каде во опуштена атмосфера младите си ги кажаа проблемите и желбите а градоначалникот Колев ги ислуша и им вети дека во рамките на можностите, Општина Велес, во иднина ќе ги реализира.
На настанот беа присутни повеќе од 200 млади, претставници на Локеланиот младински совет и дел од советниците на Општина Велес. По завршувањето на дискусијата присутните ги забавуваше Мики Секуловски.
Во рамки на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ се реализираше средношколска дебата за 8 Март како потсетник за вистинската суштина и борба за родова еднаквост, се одржаа 5 работилници на кои се отворија темите за врсничко насилство, булинг, ментално здравје, конструктивни наративи и инклузија со 200 млади учесници од Општина Велес, а се одржаа и две тематски театарски претстави за 400 млади.
Проектот е финансиран од страна на Фондот за мир на Обединетите нации, имплементиран од страна на Општина Велес и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со УНФПА, УНЕСКО и UN Women.