Едукативно-креативен и забавен настан, посветен на децата и младите  се одржа вчеравечер во Големата сала на Општина Велес. Настанот се одржа под мотото „Зимска еко мисија – Велес селектира текстилен отпад“ со цел да ја поттикне свеста кај најмладите за реуопотреба и рециклирање на текстилниот отпад.

Децата од клоновите на градинката „Димче Мирчев“ со својот настап „Зелена Нова Година“ придонесоа за забавниот дел на настанот, додека учениците од основните училишта Св. Кирил и Методиј, Васил Главинов и Блаже Конески се претставија со креативни драматизации за чиста планета, чист двор и реупотреба на текстилниот отпад.

Претставничката на колективниот постапувач „Тексомак“, Евгенија Најдоска“ ги презентираше целите на проектот и ја истакна неговата значајност во заштитата на животната средина. Таа испрати силни пораки до присутните, да се грижат за облеката како ресусрс кој може да се реупотреби, рециклира или трансформира во нешто ново и да не заврши на депониите за комунален отпад.

Презентација за текстилниот отпад и неговото штетно влијание врз животната средина одржа  ученичка од ССОУ „Димитрија Чуповски“.

На крајот од настанот беа доделени награди и признанија за најдобрите ракотворби, песнички и цртежи што ги изработија децата од општинските основни училишта.

Општина Велес склучи договор за соработка со колективниот постапувач „Тексомак“ а во соработка со ЈКП Дервен ќе го организира собирањето на текстилниот отпад. Контејнери за текстилен отпад веќе се поставени  во дворовите на средните и основните училишта во градот, а канти за ваков вид на отпад се поставени во дворовите на клоновите на градинката „Димче Мирчев“.

Општина Велес со апел до граѓаните, текстилниот отпад да го одложуваат во специјалните контејнери за да не заврши со комуналнуиот отпад на депониите. На тој начин ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина.