Информациите во врска со санирањето на последиците настанати од минатонеделните поројни дождови кои зафатија делови од Општина Велес на денешната прес конференција ги пренесе градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.
Екипи од Општина Велес, како и фирми избрани на тендер за справување со последици од елементарни непогоди, интензивно работат на терен.
„Активностите од страна на Општина Велес се при крај, а потоа Јавното претпријатие за државни патишта ќе го санира оштетениот мост на регионалниот пат кој води кон Општина Чашка, Извор и Богомила. Исто така и просторот околу фудбалското игралиште и соблекувалните ќе биде наскоро вратен во првобитна состојба” рече Коцевски.
Соодветни активности се преземаат и за санирање на штетите и расчистување на наносите од чакал и песок кои ги има на повеќе патни правци.
Градоначалникот Коцевски ја искажа својата загриженост и вознемиреност во врска со штетите настанати на многу стари куќи, кои се со карактеристична градба и архитектура и се специфични за велешката стара градска архитектура, а дел од нив се заштитени со Закон како културно наследство. За да не дојде до несакани последици поради одроните од куќите по минувачите или соседните куќи, навремено се преземени соодветни активности и поставена сигнализација и бариери за насочување на минувачите.
Комуникацијата со државните институции надлежни за оваа проблематика е континуирана. Сериозна опасност претставува куќата на семејството Тапанарови, а општинската администрација е во контакт со сопствениците на куќата. Градоначалникот го објасни различното толкување на статусот на објектот, но и на многу други слични како овој, од страна на Националниот конзерваторски центар и го покрена прашањето во врска со класификацијата на овој тип на градби кои се евидентирани во списокот за културно наследство, но не се прогласени како Споменици на културата. Во тој случај, доколку објектот не е прогласен за Споменик на културата, Општина Велес ќе издаде решение за рушење на објектот до сопствениците на куќата, а доколку тие не постапат, тогаш општината ќе го отстрани овој објект со сопствени средства.
Комисиите за процена на штети интензивно работат на терен. Во врска со пријавите од граѓаните за пријавување на штети настанати како последица од поплавите, се прави список на приоритетни објекти склони на рушење, согласно степенот на оштетувањата за да се изврши нивно рушење, доколку сопствениците на постапат.
Градоначалникот Коцевски извести и дека сè уште се трага по исчезнатото лице во село Белештевица.