Наглото зголемување на бројот на заразени со Корона вирус го вклучи алармот во Општина Велес. Регистрираните педесет и тројца за само едно деноноќие ги вознемири жителите на Велес. На алармантната состојба предупредуваат и лекарите од примарното здравство. Матичниот доктор Ѓоре Дервишов, кој е член на Општинскиот штаб за заштита и спасување, вели дека ситуацијата е крајно сериозна бидејќи секојдневно расте бројот на новозаразени, кои барајќи помош од матичните лекари, го загрозуваат и нивното здравје.
„Имаме голем наплив на пациенти кои дневно доаѓаат во ординација со симптоми на Корона вирус. Ние мора да ги прегледаме, но на тој начин, во опасност го доведуваат и нашето здравје. Се плашам од сценарио на колабирање на примарното здравство, бидејќи немаме услови за целосна заштита на персоналот. Мојот апел е да се отвори пункт во којшто првично ќе се примаат граѓаните со симптоми на вирусот. Во спротивно, ако затвориме ние, за еден месец ќе колабира и секундарното здравство“, рече Дервишов.
И градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, на денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување со апел до сите жители на општината, максимално да ги почитуваат мерките за заштита од заразни болести.
„Користам прилика да ви укажам на тоа строго да се придржувате на препораките за заштита од заразни болести. Доколку почувствувате симптоми, веднаш да се изолирате и сè додека не се тестирате да немате контакти со други. Апелирам и до раководителите на јавните институции да применуваат законски мерки и санкции за оние вработени кои во семејството имаат заболен или со симптоми, а не ги информираат надлежните и на тој начин придонесуваат да се шири заразата“, рече Коцевски.
Самосвеста на граѓаните е на многу ниско ниво и тоа е причината за зголемување на бројот на заразени со Корона вирус во Велес, беше речено на денешната средба на градоначалникот Коцевски со претставници на банките, аптеките и поштата. И тие порачаа на максимално применување на сите заштитни мерки од страна на корисниците на нивните услуги.
Тие велат дека преземаат сè што е во нивна надлежност да ги заштитат и вработените, но и граѓаните кои ги користат нивните услуги. Но побараа почесто дезинфицирање на просторот пред влезовите на објектите.
ЈКП „Дервен“ редовно врши дезинфекција на улиците и јавнопрометните површини.