Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција го одобри проектот на Француската асоцијација „Ситé е Ситé“ со седиште во Бордо, во партнерство со асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство со седиште во Велес, Министерството за култура, македонските градови и универзитетите како и во соработка со партнери од Република Албанија: Институтот за културни споменици, Министерството за култура, Асоцијацијата на општини на Албаниј,а градовите Берат и Елбасан. На денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски ја извести јавноста дека со овој значаен проект што ќе се реализира во партнерство на Република Франција со Република Северна Македонија и Република Албанија планирана е размена на знаења и стандарди за урбанистичко планирање на старите јадра во градовите, пејсажната архитектура, валоризацијата и развојот на туризмот преку културното наследство. Покрај Велес во проектот ќе бидат вклучени град Скопје, Битола, Берово, Кратово, Крушево, Охрид, Штип и други градови посветени на заштита на културното наследство. Во реализацијата на проектот ќе бидат вклучени 5 француски градови. „Со цел оваа тематика да го најде своето вистинско место на планот на евроинтеграциите на локално ниво, веќе разговаравме и со Заедницата на единиците на локална самоуправа – ЗЕЛС за нивно вклучување во реализацијата на активностите и проектите“ рече Коцевски. Тој упати јавна благодарност до г-ѓа Марилиз Ортиз директор на Француската асоцијација „Ситé е Ситé“, Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција, до г-динот Тимоние, Амбасадор на Република Франција и нашата амбасадорка во Франција г-ѓа Јадранка Чаушевска за поддршката на овие значајни проектни активности.