По објавата на информацијата дека семејството на наш сограѓанин на Велес кој трагично го загуби животот одлучило да ги донира неговите органи за да спаси човечки животи, би сакал како градоначалник на Општина Велес во името на сите граѓани да ја изразам мојата огромна благодарност и почит за нивниот хуман гест.
Во свое лично име, во име на Советот на Општина Велес и во име на граѓаните изразувам длабоко и искрено сочувство до семејството.
Навистина е потребно големо срце и надчовечка храброст да се издигнете над тагата и во најтешкиот момент во вашиот живот да одлучите наместо болката да ја споделите надежта и да им дадете шанса за живот на други луѓе.
Искрено верувам дека гестот на нашите сограѓани ќе биде пример и поттик за добродетел и хуманост за сите граѓани во државата.