Деновиве во Велес заедно одекнаа алзашката, француската и нашата македонска песна. Реномираниот алзашки музичар Рене Егл и групата „Кутерн“ ги изненадија граѓаните.
Во повеќе наврати во Велес и Росоман како и за претставниците на бизнис секторот ја изведоа староградската песна „Елено, ќерко Елено“ и ги освоија срцата на сите што ги видоа и слушнаа. Гостите од Алзас, Франција, премиерно ја изведоа песната на свеченоста по повод 11 Октомври и одбележувањето на јубилејот 40 години од отворањето на Спомен-костурницата во Велес. Музичкиот подарок од Алзас ја надополни атмосферата на пријателство и соработка. Покрај средбите со Градоначалникот Аце Коцевски, семејството Богдановски и различни групи на граѓани, делегацијата од Алзас, предводена од Жак Шлеф, претседател на АЛМА и Жерар Штедел, претседател на Унијата на Алзашани вчеравечер се сретна и со бизнис секторот во Велес.
Средбата ја организираше Ротари клубот-Велес со учество на членовите на клубовите „Бели мугри“, „Инервил“ и „Ротаракт“ од Велес, Ротари клубовите од Скопје, Кавадарци, Свети Николе, претставници на Стопанската комора и голем број компании. На средбата, претседателот на Унијата на Алзашани Жерар Штедел ги презентираше економските и туристичките капацитети на Алзас. Француската делегација донираше и над 100 шишиња вино од Алзас. Ротари клубот-Велес во соработка со партнерите од Алзас сите средства од продажбата на донацијата ги намени за поддршка на активностите за ревитализација на опожарените површини крај езерото Младост. Соработката помеѓу Велес и Алзас ќе продолжи со реализација на заеднички хуманитарни активности и проекти веќе во првата половина на 2020 година.