Информациите во врска со работењето и преземањето активности на институциите за заштита од Ковид-19, како и заклучоците произлезени од дваесет и петтата седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на денешната прес конференција ги презентираше градоначалникот Коцевски.
Соработката на ЈЗУ Општа болница, Велес со лабораторијата при МАНУ е на високо ниво и за релативно брз временски период се добиваат резултатите од примероците испратени до нив.
Претставниците на МВР – СВР Велес и на Државниот пазарен инспекторат вршат редовно контроли врз угостителските објекти и не се забележани прекршувања и непочитувања на пропишаните мерки за заштита. Младите сограѓани, пак, највеќе не ги почитуваат мерките и препораките произлезени од Протоколите за заштита од ширење на Ковид-19. Од 24 септември до 7 октомври 2020 година, МВР – СВР Велес издало 556 прекршочни патни налози на лица кои не ја почитувале одредбата за носење заштитна маска.
Состојбата во АРМ е на задоволително ниво, иако во моментов се реализираат обуки за професионални војници и во континуитет се следат препораките и се почитуваат мерките за заштита.
„Информациите од ОО на Црвен крст, Велес велат дека за разлика од почетните месеци кога паниката кај населението беше поголема, во овој период значително е намален бројот на телефонски повици и побарување за помош. Крводарителските акции се нормализираат, но сепак ќе бидат потребни дополнителни крвни единици во периодот кој следува, па затоа Општина Велес заедно со ОО на Црвен крст, во соодветни и безбедни услови ќе организира крводарителски акции”, рече Коцевски.
ЈКП „Дервен” работи соодветно според Протоколите, а соработката со МВР – СВР Велес е на високо ниво. Пример за успешната соработка е функционирањето на Малиот пазaр во Нова населба. Но, како што потенцираше Градоначалникот, потребно е поригорозно постапување на просторот на Градискиот пазар за сите оние кои не ги почитуваат мерките за носење лична заштита, односно маски.
„Поради големите гужви и големите редици кои се прават при чекање пред банките во градот, ќе организираме заеднички состанок со претставници на ЈКП ‘Дервен’ и на банките, за да се утврди побезбеден начин на кој граѓаните побрзо и побезбедно ќе ги завршат своите потреби во филијалите на банките во Велес”, истакна градоначалникот Коцевски.