Во текот на 2019 година, Општина Велес спроведе повеќе мерки и активности за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух во Велес.
На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски појасни дека дел од нив се веќе реализирани, додека дел се во фаза на реализирање.
Од вкупно обезбедени 550 високо квалитетни дрвја, 440 се засадени во урбаната средина, а додека 110 дрвја ќе се засадат до крајот на годината.
Инструментот за мерење на суспендирани честички за PM10, лоциран во населба „Тунел” кој од 2018 година не беше во функција, веќе работи и ги мери податоците во реално време.
Во тек е исплатата на средствата на добитниците на субвенциите за доделување на енергетски ефикасни грејни тела. Доделена е субвенција во износ од 15.000,00 денари за набавка на енергетски ефикасни грејни тела на дваесет и шест физички лица, со средства од буџетот на Општина Велес во износ од 500.000,00 денари.
Во општинската зграда инсталирани се котли на пелети, а во училиштето во Превалец котелот е пренаменет и како енергенс користи пелети наместо дрва за огрев.
Одлуките за спроведување на краткорочни мерки кои ги донесе Советот на Општина Велес веќе се спроведуваат.
Изградена е нова парковска површина во Комплекс УЗУС од 6.000м2, а во завршна фаза е расчистување на зелениот појас кај Топилница каде е отстрането неорганизираното зеленило, отстранети се заболените дрвја, извршено е кроење на постојните дрвја и создадени се услови за добар развој на дрвјата во овој појас.
Коцевски ги образложи и плановите за спроведување дополнителни мерки и активности, за следната 2020 година.
Општина Велес планира и подготвува изградба на нови сообраќајни решенија кои ќе го подобрат протокот на возила на улиците, а со тоа индиректно ќе придонесат за подобрување на состојбата, како во сообраќајот, така и за заштита на животната средина.
Ќе се стимулираат граѓаните со субвенции за поголемо користење на велосипеди, како и финансирање на системи кои користат обновливи извори на енергија.
Како и до сега, така и во 2020 година општината ќе продолжи со подигнување на нови зелени површини.
Во објектите на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“ ќе се постават прочистувачи на воздух, а во соработка со ЈКП „Дервен”, ќе се зголемат активностите за подобрување на јавната чистота и управувањето со отпадот.
Градоначалникот Коцевски, изјави дека во зависност од временските услови, последниот викенд од 2019 година е предвиден за организирање масовна акција за пошумување на просторот на езерото „Младост”, кој оваа година беше зафатен од голем пожар.
Активностите за чистење на локациите веќе се започнати и изгорената дрвна маса се отстранува, со што теренот со површина од дваесет и пет хектари од страна на Шумско Стопанство „Бабуна” е обработен.
Исто така, на локациите од езерото, каде треба да бидат изградени „Еко кампот” и „Паркот на авантури”, содржини во рамки на проектот СМАРТ Езеро Младост, во завршна фаза се активностите на постапување со опожарениот материјал и подготовка на теренот за градежните активности согласно проектот.