Денеска во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одбележаа 116 години од раѓањето на истакнатиот велешки франкофон, писател, преведувач и универзитетски професор д-р Георги Шоптрајанов. Настанот се одржа во организација на Општина Велес и библиотеката.
Под менторство на професорките по француски и македонски јазик Мимоза Анчевска и Жаклина Зафирчева, ученици од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ и средното стручно „Коле Неделковски“, настапија со оригинални поеми и преводи на литературниот опус на Шарл Бодлер, Аполинер и други француски автори како и со дел од поезијата на Коста Солев Рацин.
Во своето пригодно обраќање дипломатот Благој Зашов, поранешен конзул во Франција, амбасадор во Романија и генерален делегат на француската делегација „Сувенир франсе“, евоцираше спомени од своето детство и љубовта кон францускиот јазик и литература. Тој им порача на присутните ученици и понатаму трудољубиво да го учат францускиот јазик кој може да им отвори нови хоризонти во животот.
“Не плашете се да сонувате“, рече Зашов споделувајќи ја својата животна приказна и начинот на кој го остварил сонот да престојува во Франција. Тој на локалната библиотека и ги подари неговата прва книга на француски јазик и неговиот речник.
Зашов изрази задоволство што Велес го чествува творештвото на д-р Георги Шоптрајанов и неговиот голем придонес во развојот на македонската франкофонија.