Почитувани сограѓани,
Изминува уште една тешка година, година исполнета со предизвици и пречки, со пандемија која остави траги кај сите нас. Се соочивме со економска и енергетска криза. Но и покрај се, не застанавме и не потклекнавме. Продолживме да ја вложуваме својата енергија, волја и знаење и ги реализиравме сите започнати проекти и активности за општото добро и благосостојба на сите нас.
Со уште поголем елан и желба за развој и растеж да продолжиме во Новата 2022 година. Заедно и сплотени, неоптоварени од какви било поделби, да го градиме Велес во уште поубаво место за живеење, затоа што тој е нашиот дом.
Ќе ја вложам целата моја енергија, волја и знаење, заедно со вработените во општинската администрација да ги реализирам сите проекти што ги ветив во мојата програма, со единствена цел Велес да го направиме достоен град за живеење, во чест на сите истакнати личности од минатото кои оставиле траен белег.
Да ги заборавиме тешките моменти, да заборавиме на поделби и предрасуди и со заеднички сили да влеземе во Новата година. Да градиме улици, градинки, училишта, да садиме дрвја, да обезбедиме чиста и здава животна средина да учиме и да се развиваме, да градиме пријателства и соживот. Само така од Велес ќе создадеме успешна приказна за сегашните и идните генрации.
Дозволете ми на прагот на Новата година да им се заблагодарам на сите институции со кои соработував во првите два месеца од мојот мандат, на советниците од Советот на Општина Велес со кои на седниците едногласно носевме одлуки во интерес на граѓаните.
Искрено им благодарам на претставниците на граѓанскиот сектор, бизнис секторот и медиумите за соработката и конструктивните предлози и идеи.
Искрено се надевам дека зад нас ќе остане пандемијата и во Новата година ќе можеме да работиме и живееме ослободени од стегите што ни ги наметна. Се надевам дека ќе ја надминеме енергетската криза која се одрази на развојот на општината. Се надевам дека заедно ќе ги оствариме нашите приоритетни цели да заздрави економијата и да се подобри стандардот на граѓаните.
Вам почитувани мои сограѓани, Ви ја честитам Новата 2022 Година. На сите сограѓани од православна вероисповест им ги честитам претстојните Божиќни празници. Ви посакувам пред сè добро здравје, да бидете истрајни и храбри во остварување на своите животни цели, да не се откажувате од вашите соништа и да се стремите кон успех со взаемна почит и разбирање.
Среќна Нова Година !!!