По повод 18. август, во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес денес се организираше свеченост преку која се одбележа Денот на Армијата на Република Северна Македонија.
На прославата беа поканети и присуствуваа градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, преставници на јавните установи и служби, преставниците на единиците на локалната самоуправа во зоната на одговорност и правни и физички лица со кои Армијата на Република Северна Македонија има соработка.
По интонирањето на државната и химната на АРСМ, настанот продолжи со оддавање почит на загинатите и починатите припадници на АРСМ, со читање на стимулативни мерки и наредби за унапредувања, врачување на дипломи и други награди.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Љубенчо Петровски одржа пригоден говор пред присутните честитајќи го празникот и меѓу другото истакна дека „македонската армија е модерна армија со обучен персонал кој е во чекор со современите достигнувања и претставува репрезент на сите оние пожртвувани и храбри патриоти кои придонесоа и придонесуваат за мирот, просперитетот и слободата на нашата татковина”.