Финансиските податоци од последниот квартален извештај за 2020 година на Општина Велес покажуваат дека минатата година во Велес многу повеќе се градело во споредба со претходните години, изјави на денешната прес конференција градоначалникот Коцевски.
Во 2020 година капиталните расходи кои се однесуваат на средствата од буџетот што општината ги инвестирала во изградба на нова и обнова на постојната инфраструктура изнесуваат 89.827.615 денари што е за 21,15% повеќе од 2019 година кога инвестирала 70.831.387 и за 27,63% повеќе од 2018 година, кога инвестирала 65.015.854 денари.
„Наспроти сите критики, фактите и бројките го говорат спортивното. Минатата година реализиравме голем број проекти за изградба и реконструкција на улици, водоводни и кaнализациони системи во градот и населените места, нови сообраќајни решенија како и уредување на индустриските зони. Сето ова успеавме да го оствариме во услови на една од најголемите светски кризи во историјата, пандемијата на Ковид 19, чии последици сеуште ги трпиме“, рече Коцевски.
Доказ дека со парите на граѓаните општината работи домаќински и одговорно се податоците кои покажуваат дека во 2020 година за репрепрезентација општината потрошила само 14.640 денари, во споредба со средствата што за оваа намена се потрошени во мандатот во 2017 година, и тоа во вртоглав износ од 1.218.091 денари.
Општина Велес штедела средства и на патните трошоци кои во 2020 година изнесуваат само 78.716 денари, во споредба со 878.407 денари кои биле потрошени во 2017 година.
Иста е ситуацијата и со потрошувачката на гориво, за што во 2020 година од општинскиот буџет се потрошиле 462.480 денари, додека за истата намена во 2017 година се платиле 1.088.829 денари.
„Задоволен сум од финансиските резултати и заштедата на средства за несуштински трошоци. Останувам на ставот дека домаќинското и транспарентното работење со средствата на граѓаните мора да биде приоритет на секој иден градоначалник“, рече Коцевски.