Комплетно ќе се реконструира помошното фудбалско игралиште на Градски парк во Велес. Со финансиски средства во висина од 21.157.266 денари што ги обезбеди Фудбалската Федерација на Македонија ќе се постави нова подлога на теренот, ќе се посее природна трева, автоматски систем за полевање, а ќе се изградат и нови покриени трибини со капацитет од 1125 гледачи. Реконструкцијата на помошното фудбалско игралиште денеска ја најавија претседателот на Општинскиот Фудбалски сојуз Велес и потпретседател на Фудбалската Федерација на Македонија Лазар Ракиџиев, претседателот на ФФМ Муамед Сејдини и градоначалникот Коцевски.
„Се надевам дека Општината ќе изнајде решение да поставиме урбана опрема-соблекувална која ќе ги задоволува стандардите за да може на овој терен да се играат прволигашки натпревари“, рече Ракиџиев.
„Сакам да се заблагодарам на сите велешани, на Фудбалскиот клуб „Борец“, за поддршката што ја имавме од градоначалникот на Општина Велес околу проектната документација за реконструкција на помошното фудбалско игралиште. Ова игралиште ќе добие сосем нов лик, рече Сејдини.
„Ова е значајна работа за нас затоа што Велес е познат како фудбалски град. Се надевам дека во значителна мера ќе ги подобриме условите за тренирање почнувајќи од најмладите генерации па до одигрување на врвни натпревари. Се надевам дека на овој терен ќе ни гостува и фудбалската репрезентација на некои подготовки. Исто така се надевам дека од овој тревнат терен ќе произлезат млади таленти и ќе играат за „Борец“ и во другите клубови“, истакна Коцевски.
Проектната документација за реконструкција на помошното фудбалско игралиште ја изработи Општина Велес со финансиски средства во висина од 200.000 денари. Рокот за реконструкција е една година.