„Колку менаџментот на фабриката за масло „Благој Ѓорев“ е општествено одговорен кон граѓаните на Општина Велес? “,„Каква е техничката исправност на силосот односно на сондата која треба да ја мери темпертатурата во силосот?” и „Каков е планот за справување со пожар во силосот и дали воопшто го има?”, се дел од прашањата кои градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски јавно ги постави на денешната прес конференција посветена на последните случувања со пожарот во велешката фабрика за масло „Благој Ѓорев“.
„На 22 септември 2019 година, по допрен глас за случен пожар во кругот на фабриката за производство на масло „Благој Ѓорев“ АД Велес, извршен е вонреден инспекциски надзор при што беше констатирано дека во фабриката е случен пожар на силосот за складирање на пелети од лушпи од сончоглед во количина од 400 тони складиран материјал. На лице место менаџментот на компанијата и вработените лица вршеа гасење на материјалот со вода и извлекување на пелетите од силосот, кој со градежни колички се отстрануваше на безбедна далечина од силосот поради ладење. Поради тоа во целата околина се чувствува интезивен мирис на гареж од изгорениот материјал”, изјави за јавноста овластената општинска инспекторка за животна средина, Билјана Шуркова Манаскова.
Во инспекциската постапка веднаш е повикана територијалната противожарна единица (ТППЕ) која дала препораки за постапување и по службена должност го известила МВР-СВР Велес, кој на 21 септември извршиле увид и земале изјава од присутното лице. „Во дворот на фабриката, која денес лично ја посетив, складирани се 200 тони делумно или целосно опожарен материјал кое е неупотреблив. За истиот ќе се издаде наредба за итно и неодложно негово отстранување. Во овој случај морам да кажам дека сериозноста на состојбата е потценета, минимизирана по обем и по важност, а јавноста и надлежните институции се игнорирани”, потенцираше градоначалникот Коцевски, кој додаде „Целосно ја разбирам загриженоста на јавноста, сочувствувам со сите граѓани и сметам дека нивната реакција е сосема оправдана. Нема нешто поважно од здравјето на нашите гражанки и граѓани. За мене не постои поважен приоритет од ова. Велес е познат како град со развиена еколошка свест и ние како општина ќе направиме се што е во наша надлежност да имаме квалитетни услови за живот.”