Денешната осумнаесетта седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување беше поделена на два дела, информираше градоначлникот на Општина Велес, Аце Коцевски на денешната прес конференциЈа, надополнувајќи дека во првиот дел се разговараше за состојбите со Ковид-19, а во вториот, за оперативниот план за заштита од пожари на отворен простор на подрачјето на Општина Велес за 2020 година.
Велешката територјална противпожарна единица има сериозна обврска затоа што е задолжена за контрола на дури 1547 километри квадратни површини од кои 430 се на територија на Општина Велес, 292 се на територија на Општина Градско и дури 825 на територија на Општина Чашка, што е трета по големина на територјалните противпожарни единици во земјата.
За време на седницата беа договорени следните чекори кои треба да бидат преземени од страна на Општинскиот штаб за заштита и спасување до ЈП „Македонски шуми”, до Дирекцијата за заштита и спасување и до другите надлежни институции, а со цел претстојната сезона надлежните да ја дочекаат подготвени.
„Се надеваме дека ќе одржиме соодветни средби со ловџиите, печуркарите и другите берачи на шумски плодови заедно со ЈП „Македонски железници” околу користењето на противпожарниот воз, како и со сточарите, за да можеме со различни целни групи да постигнеме соодветни договори што би било најдобро да се постапува во период на сезоната кога ќе почнат да се случуваат пожарите на отворено” истакна Коцевски.