Општина Велес во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за развој и соработка денес организираше информативна форумска сесија на која беа презентирани резултатите од реализацијата на проектот „Велес без бариери”.
Проектот насочен кон подобрување на животот на граѓаните со ограничена мобилност беше избран за реализација на форумските сесии од страна на граѓаните, во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети”.
Градоначалникот Коцевски упати благодарност до Швајцарската Агенција за развој и соработка за финансиската поддршка и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за успешната координација на овој значаен проект, како и за поддршката на голем број проекти од интерес на сите граѓани во Велес и регионот. „Проектот ‘Велес без бариери’, кој успешно го реализиравме со ваша поддршка и во координација со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, за мене е доказ дека инклузивноста не треба да биде модел на интервенција туку начин на живот и суштина во функционирањето на локалната самоуправа”, потенцираше Коцевски.
Градоначалникот се заблагодари и на сите граѓани – учесници на форумските сесии за активното учество во процесот на утврдување на приоритетните проекти и нивната успешна реализација.
На презентацијата присуствуваа претставници од сите граѓански здруженија и јавни институции кои земаа учество на претходно организираните форумски сесии на кои проектот „Велес без бариери” беше избран како приоритетен. На презентацијата присуствуваа и претставникот на Швајцарската агенција за развој и соработка, Ибрахим Мехмети, како и претставникот на Програмата за развој на обединетите нации (УНДП) и раководител на проектот „Зајакнување на општинските совети”, Илмиасан Даути.
Преку проектот „Велес без бариери” во вредност од 2.648.669,00 денари се нивелираа 23 тротоари вдолж главната улица „Благој Ѓорев” и се инсталираше лифт во зградата на СОУ „Гимназија Кочо Рацин” и ССОУ „Димитрија Чуповски”.
Настанот беше организиран согласно протоколите за почитување на препорачаните мерки за заштита и превенција од ширење на Ковид-19.