На крајот од годината кога се сумираат сите постигнати резултати, Општина Велес традиционално ги наградува најуспешните, најталентираните и најхуманите граѓани. Од името на градоначалникот Марко Колев, заменик градоначалничката Елизабета Митревска Ангелеска им посака добро здравје и уште поголеми успеси во новата 2026 година. Таа ја упати својата новогодишна честитка до сите присутни.

„Ви посакувам многу здравје затоа што здравјето е сé што ни е потребно. Здрав човек е среќен човек и само здрав човек може да одговори на сите предизвици што претстојат. Да си дадеме предизвик, да бидеме подобри луѓе во периодот што следува“, рече Митревска Анѓелеска.

На денешната Новогодишна свеченост, Општина Велес им ги додели стипендиите на најталентираните ученици и студенти за учебната 2025/2026 година. Стипендии добија 32 средношколци и 5 студенти.  И годинава донатори на стипендии се Агриа, агроиндустриска групација Велес, Жито Маркети Велес и Општина Велес.

Општина Велес и годинава ги награди најдобрите работници за 2025 година.

За најуспешен комунален работник е прогласен Зоран Силјановски, вработен во сектор Водовод при ЈКП „Дервен“.

За пожарникар на годината е прогласен Нихад Бајровиќ, вработен во Територијалната противпожарна единица Велес.

Во категоријата најуспешни се вбројува и наградува полицискиот службеник Игорчо Петровски, главен полицаец за вршење увиди на сообраќајни незгоди во Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај во СВР Велес.

Наградата за континуиран придонес во развојот на крводарителството и хуманоста во Велес за 2025 година, Општина Велес ја додели на Звонко Карталов кој 117 пати дарувал крв.

За придонес во волонтерството и особен хуманизам, Општина Велес им оддаде почит на ОО Црвен крст – Велес, д-р Лилија Чолакова Дервишова, д-р Гоце Бузалков и Петре Печков.

Општина Велес ги додели и јубилејните награди за 10, 20 и 25 години континуирано работење на административните работници во локалната самоуправа како и за 20 години работа на вработените од ТППЕ Велес.

Во чест на сите наградени, новогодишната свеченост заврши со мини концертен настап на „Тринити стрингс“.


Фотографиите од денешниот настан можете да ги преземете на следниот линк