Во рамки на кампањата „16 дена активизам – борба против насилството врз жените и родово базирано насилство“, денеска во Општина Велес се одржа дебата на која се дискутираше за најгорливиот проблем во локалната заедница, насилството. На дебатата што ја организира Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Велес и Организација на жени Велес присуствуваа претставници на СВР Велес, ЦСР Велес, Основен суд Велес, КЕМ, ЈЗУ Велес, психолози и педагози од училишта и на Општина Велес.

Целта на дебатата е да се подигне јавната свест за постоењето на насилството во сите сфери на општественото живеење и зголемување на колективниот придонес во борбата за спречување на негативната појава. Учесниците на дебатата, секој од својот сектор, ги споделија искуствата и констатираа дека бројот на жртви на семејно насилство, врсничко насилство, булинг се зголемува  и затоа е потребна тесна соработка на надлежните институции во насока на превенирање и спречување на насилството. На дебатата беше констатирано дека е потребно да се обрне поголемо внимание на воспитната метода во образовните институции, но и дека младите не го препознаваат насилството.

Активно и навремено делување, едукативни предавања во тесна соработка со сите инститции се дел од заклучоците на денешната дебата.

Во рамки на кампањата, тркалезни маси се одржаа во населените места Иванковци и Оризари, а во наредниот период едукативни работилници ќе се спроведат и помеѓу најранливата категорија, учениците во основните и средните училишта.