Со организирана изложба на спортска велосипедска опрема, велосипеди и фотографии од велосипедските доживувања, остварувања и подвизи кои ги има постигнато Здружението на граѓани „Велес бајкинг” од Велес, денес во просториите на Европска куќа Велес беше и официјално претставена Програмата за сите активности со кои Општина Велес и оваа година ќе ја одбележи Европската недела на мобилност 2023 (ЕНМ). Сите заинтересирани можат да ја посетат изложбата на ЗГ „Велес бајкинг” заклучно до четврток, 21 септември 2023 година.
Пред присутните гости и вљубеници во велосипедизмот се обрати и зборуваше за важноста на велосипедот како алтернативно превозно средство, но и за потребите кои градските власти треба да ги направат за генерално подобрување на сообраќајната инфраструктура во општината, претседателот на Здружението Зоран Јаневски. Јаневски се осврна и на долгогодишното вложување на Здружението и неговите членови за подигнување на свеста кај жителите на Општина Велес за користењето на велосипедот, а истовремено преку фото и видео материјал беа претставени и активностите на Здружението реализирани во текот на минатата една декада.
Тимот организатори на Европската недела на мобилност 2023 од општинската администрација ги претставија активностите кои во текот на целата седмица од 16 до 22 септември ќе се организираат на подрачјето на Општина Велес.
Воедно, Општина Велес ги поканува сите заинтересирани да се придружат во активностите за одбележување на Европската недела на мобилност 2023.
Меѓудругото, тимот од Општина Велес обезбеди и достојни донации од општествено одговорни компании кои донираа пилатес топки и соодветни подлоги, велосипеди за деца, топки за разни спортови, останати спортски реквизити, освежителни пијалоци и житарки, наменети за сите клонови на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, како и за општинските основни и средни училишта. Донациите ги овозможија „Нестлè Адриатик д.о.о.е.л. Македонија”, „Еуро-Фарм”, „Стокомак”, „Виталиа Никола ДОО”, „Базаро” и ДПТУ „КОЛА“ ДООЕЛ.
Додека пак партнери и поддржувачи на активностите за одбележување на ЕНМ 2023 во Велес се и Делегацијата на Европска унија и Европска куќа Велес, Министерство за животна средина и просторно планирање, ЕГ „Грин пауер”, ЗГ „Велес бајкинг”, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености, ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, ООУ „Рајко Жинзифов”, Горно Оризари, Велес, МВР-СВР Велес, Општинска организација на Црвен крст – Велес, Младински центар Велес, како и Отворен регионален фонд за енергетика, транспорт и климатска заштита (ORF-ETC), Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ).
Детални информации за секој настан можат да се најдат на интернет страницата на Општина Велес.