Општина Велес го реализираше вториот настан во рамки на проектот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) за младинско учество и вклучување на младите во донесувањето одлуки на локално ниво во областа на животната средина и климатските промени, финансиски поддржан од Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
По претходно одржан настан каде младите средношколци, претставници на Локалниот младински совет на Општина Велес, волонтерите од Младинскиот центар Велес и младите членови од Здруженијата на граѓани со еколошки предзнак, дефинираа неколку еко проблеми и едногласно предложија и избраа како приоритетно еко-решение за реализација од страна на локалната самоуправа да бидат набавени и поставени вендинг машини за собирање на пластични шишиња и лименки во Велес.
Од страна на стручен консултант, денес беше презентирано идејното решение на предлог-проектот за поставување на вендинг машини за собирање пластични шишиња и лименки на подрачјето на Општина Велес.
На денешната презентација во просториите на Европска куќа Велес присуствуваа претставници на АМС и УНИЦЕФ, младите кои беа вклучени во процесот на одлучување на еко-решение, членови на Советот на Општина Велес, членови на Локалниот младински совет, на Младинскиот центар, Здруженија на граѓани, како и претставници на општинската администрација коишто имаа можност да дадат забелешки и дополнувања на нацрт-проектот.
Целта на проектот е подигнување на свеста кај младите за младинското учество и нивното вклучување во процесот на донесување одлуки на локално ниво, како во областа на животната средина, така и во други области за коишто се надлежни единиците на локалните самоуправи со доставување предлози, идеи и иницијативи и нивна реализација.
Покрај во Општина Велес, овој проект се реализира и во партнерските општини на АМС, Општина Гевгелија и Општина Берово.