Со целовечерен концерт, кој траеше 90 минути, Националниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“, вчеравечер ја воодушеви публиката во Амфитеатарот во Младински парк. Играорците на „Танец“ импресивно ги изведоа „Мијачка“, „Поречки игри“, „Кавадарка“ кои буквално ја кренаа публиката на нозе. Нивната професионалност беше наградена со силни овации и аплаузи.

„Танец“ беше специјален гостин на дваесеттото издание на Интернационалниот фолклортен фестивал кој продолжува и вечерва со настапи на ансамбли од Македонија, Литванија, Чешка, Чиле, Германија, Мексико и Турција. Третата фестивалска вечер започнува во 20:30 часот, а претходно ќе настапат повеќе групи на Ансамбл „Керамичар“.