Во рамки на кампањата 16 дена активизам против родово базираното насилство, Организацијата на жените на Општина Велес, денес организираше настан на тема „Заштита, реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство низ системот на социјални услуги во локалната заедница”. Настанот има за цел да ја истакне неопходната потреба за континуирано делување и преземање конкретни активности за актуелизација и изнаоѓање начини и форми кои на жените ќе им помогнат во процесот на препознавање на проблемот и справување со него.
Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, во своето поздравно обраќање пред присутните претставници на невладиниот сектор, јавните институции, СВР Велес и од Општините Чашка и Градско, истакна дека е потребно отворено да се разговара за прашањата за правата и положбата на жените и додаде „Да создаваме еднакви услови и можности за личен развој на секој поединец”.
Ѕвездана Тасковска Јорданова претставник од Центарот за социјална работа во Велес, ја презентираше Програмата на центарот за „Лица, жртви на семејно насилство – стандарди и процедури”.
„Жените како жртви на семејно насислтво, најчесто се соочуваат со проблемот на неинформираност, неедуцираност и неорганизираност”, во своето обраќање истакна претседателката на Комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите при Советот на Општина Велес, Пандорка Прличкова.
Настанот се одржа во просториите на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, а финансиски е поддржан од страна на Општина Велес.