Денеска покрај езерото Младост пристигнаа 20 електрични велосипеди за развој на велосипедскиот туризам. Велосипедите се обезбедени во рамките на подпроектот „Смарт езеро Младост – прва иновативна туристичка атракција во Македонија“, со финансиска поддршка од ЕУ.

Подпроектот е раководен од Единицата за спроведување на Проектот за локална и регионална конкурентност под надлежност на Вицепремиерот за економски прашања и спроведуван според протоколите на Светска Банка. Инвестицијата во велосипедскиот туризам како дел од проектот е во вредност од 2.726.295 денари и вклучува 20 електрични велосипеди, смарт брави за заклучување, софтверско решение и апликација за корисниците.

Примопредавањето на велосипедите се поклопи со стартот на Европската Недела на мобилност која годинава се одбележува од 16 до 22 септември под мотото „Безбеди и здрави со одржлива мобилност“. Велосипедите ги обезбедија компаниите „А1“ и „Геонет“. На следната седница на Советот на Општина Велес велосипедите ќе бидат предадени на управување на ЈП „Парк спорт и паркинзи“.

Можноста први да ги испробаат велосипедите ја имаа членовите на „Младинскиот велосипедски клуб Велес“.